Интеграцијата на молекуларната медицина во секојдневната пракса беше тема на првата дебата која ја организираше новоформираното Студентско здружение за молекуларна медицина. Овој прв настан организиран од Здружението кое е иницирано од самите студенти, со поддршка и од професорите на Факултетот за медицински науки.

-Ова е прв воведен настан на нашето Здружение, наменет е и за членови, но и за оние студенти кои не се членови. Токму е и повод за да заинтересираме и предизвикаме оние наши колеги кои не се членови а се заинтересирани за истражување , да се приклучат во здружението – изјави Стојче Читкушева, потпретседателка на Студентското здружение за молекуларна медицина.
Филип Постолов, претседател на СЗММ на отворањето на панел дискусијата ги презентираше мисијата и визијата на здружението, а кажа и дека можноста за учество е отворена за сите студенти кои се интересираат за наука, не само за молекуларна медицина.
-Сите студенти кои се интересираат за нау8ка воопшто, ќе можат да се запознаат со нашите академски советници, да остварат конекции, со што ќе им се отвори можност за научно – истражувачка работа – рече Постолов.

Здружението ќе биде уште една можност за активно вклучување на студентите во научно истражувачката дејност.
-Ние студентите сме секогаш насочени кон унапредување на начинот на кој ги добиваме нашите знаења и токму ова здружение го гледаме како еден чекор напред кон поинтересни и понови начини на кои можеме да го оствариме и да се стекнеме со некои знаења кои самата програма на факултетот не ги нуди – рече Бојана Здравева, студентка на ФМН.
На Панел дискусијата учествуваа професорките Татјана Рушковска, Катерина Кубелка – Сабит и Сотирија Дувлис, сите од Факултетот за медицински науки на УГД.
Извор: Гоце.мк